Spread the love

Текстот на Асиб Зекир, објавен на порталот Рацин.мк, отвора критичка и навремена дискусија за системската исклученост на ромската заедница, со посебен фокус на ромските претприемачи во контекст на најавениот Оперативен план за вработување за 2025 година. Иако наративот на институциите повторно се фокусира на младиот претприемачки дух, со зголемени грантови и охрабрувачки буџетски средства, анализата доаѓа со прашањето кој навистина ќе има пристап до овие ресурси?

Авторот ја ја открива  празнината помеѓу државните политики и нивната реална примена. Повторувањето на истата квота од најмалку 5% учество на Роми во активните мерки, иако симболично значајна, укажува на стагнација – таа бројка не претставува напредок, туку повторно враќање на иста точка, што остава впечаток дека вклучувањето на ромската заедница и натаму е формално, а не суштинско. Фактот што досегашните години оваа квота не била исполнета според официјалните анализи, само го потврдува сомнежот во ефикасноста на мерките.

Зекир со јасен, но не агресивен тон, го изнесува системскиот проблем што се повторува со години: ромските претприемачи, и покрај тоа што самостојно развиваат микро-бизниси често во тешки услови, не успеваат да добијат пристап до институционална поддршка. Причините не се во недостаток на идеи или претприемачки капацитет, туку во институционалните бариери: сложени и неприлагодени критериуми, бирократски процедури кои не препознаваат неформалната економија, генерализирани програми и неадекватна менторска поддршка која наместо да охрабри, ги обесхрабрува апликантите.

Дел од анализата е повикот за системска промена, кој не се базира на критика заради критика, туку на инсистирање на принципи: транспарентност, партнерство и признавање на експертизата на теренот. Авторот директно посочува дека граѓанските организации, особено оние кои со години работат со ромската заедница, не треба да бидат пасивни набљудувачи или привремени соработници, туку клучни партнери во дизајнот и реализацијата на програмите. Со други зборови, нивното искуство и доверба во заедницата се најдоброто средство за ефективна имплементација.

Во основа, овој текст не нуди техничка анализа на буџети или мерки, туку изнесува политичка и социјална критика, заснована врз долгорочно следење на една непроменета состојба. Иако институциите повторно нудат статистички „докази“ за инклузивност, реалноста на терен е поинаква – Ромите остануваат на маргините, и покрај ветувањата. Авторот не бара посебен третман, туку еднаков третман во рамките на реално прилагодени програми. Тука е суштината на повикот за социјална правда.

Ромската заедница не бара повластувања, туку само фер можност и ова не е само апел, туку директно потсетување до институциите и општеството дека времето на симболични ветувања одамна е поминато. Пред нас е избор: или повторно ќе сведочиме на уште една година полна со декларативна инклузија, или конечно ќе видиме конкретни чекори што ќе водат кон вистинска, опиплива рамноправност. Преку фокусот на една маргинализирана група, текстот нè соочува со подлабокиот проблем: дека инклузивноста во земјава сè уште често постои само како добронамерна формулација на хартија, но ретко како стварност на терен. Тоа мора да се менува – и тоа со дела, не со зборови.

Целиот текст е преземен од следниот линк:

https://racin.mk/kolumni/isti-vetuvana-isti-prepreki-zoshto-romskite-pretpriemachi-ostanuvaat-na-marginite/

Loading

Welcome! It’s your first time on this post, and we are glad to have you.


Discover more from EU Romapress

Subscribe to get the latest posts sent to your email.

Discover more from EU Romapress

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading