Во држава како Македонија, каде владеењето на правото е една од најчесто споменуваните, а најретко практикуваните вредности, секоја голема трагедија е тест за системот. Трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани е токму таков тест — и за институциите, и за општеството. Но уште повеќе, тест за принципот на еднаквост пред законот.
Одлуката на Основниот суд Кочани да определи притвор за актуелниот министер без ресор Шабан Салиу, додека останатите повисоки функционери, поранешни министри, државни секретари и инспектори — се со полесни мерки, остава силен привкус на селективна правда.
Не случајно, Шабан Салиу е единствениот Ром меѓу нив.
Ако законот е јасен и еднаков, тогаш критериумите за определување мерка треба да бидат транспарентни и аргументирани. Зошто за Салиу притвор, а за другите куќен притвор или претпазливост?
Ако е во прашање бегство, влијание врз сведоци или повторување на делото, како тоа овие ризици важат само за него?
Правдата не смее да зависи од функцијата, политичката припадност или етничката припадност. Ако тоа се случува, не станува збор за правда туку за лицемерие со законска форма.
Да не се лажеме кога припадник на маргинализирана заедница ќе биде третиран построго, тоа не е само правно прашање, туку и општествено. Во држава каде ромската заедница со децении се бори со стигматизација, непочитување и институционална дискриминација, вакви одлуки дополнително ја нарушуваат довербата во правниот систем.
Дури и ако обвинителството има правни аргументи за притворот, должност им е да бидат јавно објаснети, особено кога одлуката создава ваков впечаток.
Голем дел од медиумите ја пренесоа информацијата за одлуката без да постават прашање зошто мерките се различни. Новинарството не е само известување —туку и барање одговорност.
Во случаи како овој, медиумите мора да бидат коректив на системот, а не негов мегафон.
Изостанувањето на критичкото прашање го остава јавниот простор отворен за шпекулации и дополнително ја потхранува недовербата во институциите.
Ова не е обична судска одлука. Ова е прашање на доверба во системот. На принципи. На тоа дали институциите ќе бидат доволно храбри да судат според дела, а не според име, функција или етничка припадност.
Во една трагедија каде животот го загубија 61 лице, а стотици семејства се во болка, општеството заслужува правда но вистинска, неселективна, темелена на закон и морал.
Welcome! It’s your first time on this post, and we are glad to have you.
Discover more from EU Romapress
Subscribe to get the latest posts sent to your email.