Ромската заедница веќе децении е во фокусот на европските политики за инклузија, особено преку стратегиите на Европската Унија за социјално вклучување, недискриминација и борба против сиромаштијата. Но, априлската анализа на Европската комисија од 2025 година повторно ја наметна дилемата: што навистина е постигнато со сета финансиска и институционална поддршка?
Во изминатите десет години, ЕУ издвојуваше значителни средства преку ИПА фондовите за земјите од Западен Балкан, како и преку Европскиот социјален фонд и фондовите за регионален развој за земјите-членки. Средствата беа наменети за подобрување на условите за домување, пристап до образование, здравство, вработување, како и за промоција на културна инклузија и борба против дискриминацијата. Но реалноста покажува дека голем дел од проектите останале на ниво на симболичка поддршка, без системско влијание. Во многу случаи, средствата биле апсорбирани од невладини организации или локални власти со ограничена транспарентност и без независна евалуација на ефектите.
И покрај стратешките документи и декларациите за политичка волја, антициганизмот останува длабоко вкоренет во институциите и општествата – и на Запад и на Балканот. Ромските ученици и понатаму се предмет на сегрегација во училиштата, здравствените работници често одбиваат третман, а вработувањето е ретка можност наместо реалност. Во Србија, според извештаите, дел од средствата наменети за ромски образовни програми биле пренаменети за други цели. Во Северна Македонија, неформалните ромски населби и понатаму немаат пристап до чиста вода и канализација, и покрај постоењето на активни проекти со европско финансирање. Во земји-членки како Бугарија, Романија и Унгарија, реториката за интеграција често се користи како формалност за пристап до средства, додека на терен постои малку вистинска промена.
Европската комисија јасно ги искажа своите барања: активно вклучување на Ромите во планирањето на политиките, механизми за отчетност во финансирањето и системска борба против дискриминацијата. Но, во пракса, одговорот на овие барања е селективен и ограничен. Националните институции често подготвуваат извештаи без вклученост на заедницата, а мониторингот се сведува на бирократски формалности без реално влијание.
Европа нема проблем со стратегии – туку со искрената имплементација и потребната политичка волја, транспарентност и отчетност, особено кај невладиниот ромски сектор кој се финансира. Потребна е храброст од институциите да дозволат вистински надзор, суштинска вклученост на заедницата и употреба на европските средства на начин што ќе донесе мерлива промена.
И покрај сето вложување, ромската заедница останува една од најмаргинализираните групи во Европа – и во земјите-членки и во оние кои се кандидати за членство. На 8 април 2025 година, Европската комисија излезе со анализа која јасно потврди дека состојбата на терен не одговара на политичките декларации. Според податоците, во ЕУ живеат над шест милиони Роми, а уште четири милиони во земјите на проширување. Над 80 проценти од оваа популација живее во услови на сиромаштија, без соодветен пристап до здравство, образование и стабилно вработување.
Истовремено, дискриминацијата врз Ромите останува секојдневна и системска. Во земјите како Бугарија, Унгарија, Романија, Србија, Северна Македонија и Албанија, и натаму се бележат случаи на институционална исклученост, сегрегација и нерамноправност. Иако Европската комисија постојано повикува на инклузивни политики и активно учество на ромските заедници во процесите на одлучување, одговорите на државите се често формални и нефункционални.
Проблемот не е во недостаток на документи – туку во недостаток на акција. Националните влади мора да обезбедат рамноправен третман и да овозможат гласот на самите Роми да биде слушнат и да учествува во креирањето решенија. Без тоа, дури и најдобро напишаните стратегии ќе останат празна рамка, а средствата – потрошени без ефект. Потребно е институционално дејствување, транспарентно управување со ресурсите и долгорочна посветеност на инклузивноста како суштински, а не административен приоритет. Ромите не се статистика – тие се граѓани на Европа кои заслужуваат еднаков пристап и еднакви шанси. Тие не треба да бидат дел од статистика за сиромаштија, туку дел од визија за еднаква и праведна Европа.
Welcome! It’s your first time on this post, and we are glad to have you.
Discover more from EU Romapress
Subscribe to get the latest posts sent to your email.