Проектот на Општина Кочани за старата касарна, каде што во мизерни услови живеат околу 25 ромски семејства, и по десет години од најавата не е започнат. Според првичните планови, требаше да се изградат околу 20 типски куќи, кои ќе обезбедат пристојно живеалиште за овие семејства. Наместо тоа, тие остануваат да живеат во услови кои повеќе потсетуваат на воени руини отколку на домови.
Станарите на старата касарна се соочуваат со сурова реалност: живеат без основни услови за живот, со импровизирана електрична мрежа, без приклучоци на вода, канализација, и често без прозорци и врати.
Секојдневието им е обележано со невработеност, беда и болести. Децата играат меѓу рушевини, а стаорци слободно се движат низ касарната. Немаат ни сигурен пристап до вода, што ја влошува хигиенската ситуација до степен каде што станува закана од епидемии. Некои од децата веќе покажуваат знаци на кожни осипи, што е само еден показател за тешката состојба во која се наоѓаат.
Пред пет години, општината усвои предлог за изградба на нови куќи и од својот буџет одвои 7 милиони денари, од вкупно потребните 21 милион, очекувајќи дека остатокот ќе биде финансиран преку државни или донациски средства. Планот предвидуваше куќите да бидат изградени на друга локација, но жителите на населбата каде што требаше да се преселат Ромите остро се спротивставија. Протестираа со транспаренти на кои пишуваше „Само преку нас мртви“, одбивајќи да ги прифатат Ромите како соседи.
Завчера на седницата на општинскиот совет во Кочани, советникот Аки Акиов од Партијата за демократски просперитет на Ромите остро го критикуваше буџетот на општината. Тој потенцираше дека не се предвидени средства за започнување на проектот, додека претходно собраните средства изгубиле значителен дел од својата вредност поради инфлацијата.
„Состојбата е алармантна“, изјави Акиов, истакнувајќи дека станарите на касарната веќе неколку дена немаат ни вода ни струја. „Хаосот е видлив, стаорците и нечистотијата доминираат, а децата се со осипи по телата – епидемијата е прашање на време ако општината не преземе итни мерки.“
Акиов ги повика советниците итно да дејствуваат и да го прошират општинскиот буџет за конечно започнување на реализацијата на проектот. Тој апелираше и до националните и европските медиуми да извршат притисок врз општинските власти за да се реши овој долгогодишен проблем.
Во меѓувреме, поранешниот претседател на Партијата за демократски просперитет на Ромите, Ахмедовски, преку својот Фејсбук профил обвини дека проектот „Стара касарна заминува во историја и е оставен да пропадне и дека сето ова е манипулација од страна на советниците.
„Нема објективни причини проектот да не се реализира. Сегрегацијата и дискриминацијата се јасни причини зошто средствата, кои стојат на наменската сметка веќе една деценија, упорно не се користат за изградба на куќите“, напиша тој.
Со оглед на тешките услови во кои живеат овие семејства, ситуацијата бара итна интервенција, но прашањето останува – дали ќе се најде политичка волја да се стави крај на оваа неправда?
Discover more from EU Romapress
Subscribe to get the latest posts sent to your email.