Нејзиниот живот згасна трагично, но нејзиниот глас одекна силно
На 3 мај 2025 година, Северна Македонија се соочи со уште еден брутален фемицид. Рамајана Асан, 36-годишна Ромка од Шуто Оризари и мајка на мало дете, беше убиена од својот партнер. Ужасот се случи пред очите на нејзината петгодишна ќерка.
И покрај бројните пријави за семејно насилство, институциите не успеаја да ја заштитат.
Смртта на Рамајана не е само лична трагедија. Таа е симбол на системскиот пропуст на државата и на општеството да ги заштити најранливите. Нејзиното име денес стана знаме зад кое се обединија над 60 ромски активистки и 24 ромски невладини организации.
“Ова не е изолиран случај — ова е системска криза”
Истражувањата и неофицијалните извештаи покажуваат дека голем број жени Ромки низ годините биле жртви на насилство, некои и со смртоносни последици. Често игнорирани од институциите, тие живеат во сенка на стравот и молкот.
Но, со убиството на Рамајана, молкот е прекинат.
Жените Ромки, активистките, адвокатките и организациите сега зборуваат јасно и гласно. Оваа трагедија ги мобилизира да бараат не само правда, туку и системски мерки за превенција и заштита.
Во таа насока, беше формирана неформалната мрежа за поддршка на жените Ромки “Рамајана”, како симбол на солидарноста и заедничката борба. Мрежата ќе делува како платформа за здружување, застапување и поддршка на Ромките кои се соочуваат со родово базирано насилство, како и за превенција и јакнење на нивната безбедност и права, која природно се формираше како одговор на ова злосторство. Ова е првпат жените Ромки да се здружат на ваков начин, со заедничка визија и глас.
Барањата се јасни: правда, одговорност и заштита
Тие бараат итна и транспарентна истрага за случајот, одговорност за институциите кои не реагирале, специјализирана обука за полицијата и социјалните служби, како и формирање засолниште и СОС линија на ромски јазик.
Повеќе не прифаќаат институционална рамнодушност.
Сведоштво на болката и надежта
Смртта на Рамајана ја обедини заедницата. Таа стана симбол на борбата против насилството врз жените Ромки и симбол на надежта дека никогаш повеќе ниту една жена нема да остане незаштитена.
Во продолжение го објавуваме во целост писмото кое овие храбри жени и организации го испратија до медиумите и до јавноста на англиски и на македонски:
„Почитувани претставници на медиумите,
Ви се обраќаме со итен повик за внимание поради фемицидот врз Рамајана Асан, 36-годишна Ромка од Шуто Оризари, Северна Македонија, која беше убиена од нејзиниот партнер на 3 мај 2025 година, во присуство на нејзината 5-годишна ќерка.
И покрај повеќекратните пријави за семејно насилство, институциите не презедоа заштитни мерки. Овој трагичен случај е показател за системски институционален пропуст, вклучувајќи ја полицијата, центрите за социјална работа и судството, кои не постапиле согласно своите законски обврски според националното законодавство и Истанбулската конвенција.
Убиството на Рамајана не е изолиран случај – тоа е дел од поширок образец на родово базирано насилство и институционална занемареност, кои несразмерно ги погодуваат ромските жени, кои се соочуваат со множество и пресечни форми на дискриминација. Само во 2024 година, 142 случаи на семејно насилство врз ромски жени беа официјално регистрирани во Северна Македонија.
Бараме од институциите:
- Да спроведат транспарентна и итна истрага за овој случај;
- Да се повикаат на одговорност институциите кои не постапиле со должно внимание;
- Да обезбедат соодветна обука за полицијата и социјалните служби за справување со случаи на семејно насилство во ранливи заедници;
- Да се воспостави засолниште и СОС линија на ромски јазик за преживеаните во Шуто Оризари и пошироко.
Ги повикуваме медиумите да известуваат за овој фемицид и да помогнат во разоткривање на институционалните и системските неправди кои ги доведуваат во опасност животите на ромските жени.
За дополнителни информации, изјави или извештаи, ве молиме контактирајте нѐ директно.
Потпишано од ромски жени, активистки и организации од граѓанскиот сектор од Северна Македонија и Европа.„
Welcome! It’s your first time on this post, and we are glad to have you.
Discover more from EU Romapress
Subscribe to get the latest posts sent to your email.