Spread the love

Интервју со Акиф Кариман, долгогодишен ромски активист и председателе на ново формираната политичка партија Аваја.

 

ЕРП. Пред неколку дена  ромската јавност преку социјалните мрежи била известена за формирање на уште една официјална 11-та  по ред  ромска политичка партија-Аваја, чиј лидер сте  токму вие. Зошто формирањето на партијата била во тајност се до пред неколку дена, и зошто сега во времето на председателски и парламентарни избори во Северна Македонија?

 

  •   Намерата на АВАЈА да прерасне во политичка партија никогаш не беше мистерија, ниту пак тајна иницијатива. Тоа е тенденцијата на секое политичко движење. Тоа беше прашање на време кое беше постојано присутно, дури и полемизирано од страна на јавноста, политичарите и вас медиумите. Нашиот став беше дека ќе станеме политичка партија во моментот кога барањето и подготвеноста од страна на заедницата ќе биде на ниво доволно да се направи разлика. АВАЈА постојано беше присутна и гласна во јавноста во изминатите четири години, дури повеќе од веќе постоечките партии.

 Сметате ли дека појавувањето на уште една  ромска политичка партија  ќе придонесува разцепкање на ромските гласови?

  •  Не се согласувам со констатацијата дека бројот на политички партии подразбира и цепкање на гласовите. Без разлика на бројот на ромски партии, гласовите на Ромите секојпат оделе на сметката на поголемите политички партии. Ние за себе сметаме дека сме прва партија која ќе работи исклучиво за интересите на нашата заедница, а не за доминантните партии. Нема да биде лесно, но ќе го обединиме ромскиот глас.

  Старо новата Аваја денес е регистриран како ромски политички субјект, иако таа  и порано како неформално национално  ромско движење беше и работеше во политички контекст поврзан со ромската заедница. По што и дали воопшто ке се разликува Аваја како неформално национално ромско движење од политичката официјална Аваја?

  •  Пред да продолжам со одговорот, морам да ти се заблагодарам на формулацијата дека бевме неформално ромско политичко движење бидејќи тоа и бевме. Кај дел од нашата јавност имаше интерпретации дека сме невладина организација, па дури и институција која има овластувања, мандат и одговорност како државна институција. Претпоставувам интензитетот на акциите предизвикаа да се создаде таква перцепција, и постојаното присуство во бранење на интересите на Ромите, во време кога поголемиот дел од политичарите немаа никакви иницијативи во таа насока. Сега да одговорам на прашањето: АВАЈА се појави како одговор на сите неправди кон Ромите. Бевме движење способно да артикулира јасен политички став за предизвикување и промена на статус кво‘то во РСМ. Кога стана евидентно дека политичкиот естаблишмент не е подготвен да преземе таква одговорност и да ги реализира барањата на заедницата, ние одлучивме да ја преземеме одговорноста во наши раце. Заедно со поддршката на заедницата, ние сме сигурни дека ќе ги оствариме нашите заеднички цели. Мора да се променат ставовите и перцепцијата кон Ромите како гласачи и од страна на мејнстрим, и од страна на ромските политички партии. Доста беше политика на лаги и неостварени ветувања. Доста беше политика на притисоци и закани. Доста беше политика која ја продлабочува политичката апатија кај граѓаните. Во исто време, не можеме да само да критикуваме, го немаме тој луксуз, а нашиот народ го нема тоа време и трпение веќе. Ние излегуваме од нашиот комфор за да постигнеме колективен напредок. Доколку не го направиме сите тоа, тогаш никого не можеме да обвинуваме за состојбата во која се наоѓаме како заедница.

Како ќе се разликувате и ќе придонесете за разлика во одзивот на ромските гласачи? Свесни за досегашното незадоволство кон ромските политички партии, какви промени или иновации планирате да внесете за да го ангажирате ромското население и да го подобрите нивниот учествен одзив?

  •  Самиот факт дека настапуваме самостојно е промена и новина како таква. Дополнително, ние си дозволивме да преземеме ризик и многу голема одговорност да влеземе во политичката сцена во време кога поларизацијата во нашето општество е поголема од било кога, и интересот да се добие секој глас по било која цена. Досега и ние се прашувавме за кого да гласаме, но немавме вистински избор. За кого? За оние кои лажат? За оние кои даваат секакви ветувања а не ги исполнуваат? Или за оние кои се насилнички и заканувачки настроени?

Сега Ромите имаат јасна опција: политика на интегритет, знаење и колективен напредок. Имаат опција за самоопределување.

Следна новина е посветеноста кон реализацијата на партиската програма. Истата ќе биде промовирана во наредниот период.

Најважната новина во нашиот пристап: квалитетни и значајни односи со заедницата базирани на доверба и меѓузависност. Ние одбиваме да веруваме во премисата дека нашиот народ е „превртлив“. Постојан контакт и разговори со заедницата, не само за време на избори, не само за политички поени. Нашиот народ е доволно мудар за да се прилагоди и да препознае вредност во понуда за трансформација на долги патеки и понуда за еднократна трансакција. На крајот на краиштата нашата голема база на поддржувачи ширум земјата е показател дека нашиот народ сака трансформација и промена на статус кво‘то во нашето општество.

 

Вие исто така сте член на новоформираните национални ромски  движења под името Роми за демократија подржана и финансирана од Европската Ромска Фондација. Дали вашето членство и на останатите кои се дел  од РД ке продолжи и понатаму покрај вашите политички активности во партијата.

  •  Во изминатите две години имаше голема транзиција и трансформација во мрежата предводена од тогаш РИО, а сега фондација Роми за Европа. Еден од клучните столбови на таа мрежа е Фондацијата Роми за демократија која е активна во неколку земји во Европа. Како активист кој од 2012 е дел од градењето на таа мрежа, имав свој удел во добар дел од тие успеси и научени лекции. Лично ја предводев транзицијата и институционализацијата на движењето во Македонија во фондација. Јас лично многу се гордеам што постои тој ентитет. Фондацијата Роми за Демократија е најдоброто нешто што можеше да се случи за нашиот народ. Секогаш ќе бидам достапен и ќе одвојувам време за да придонесам во нивната работа, и истовремено да ја искористиме таа платформа за црпење на знаење и техничка поддршка затоа што нивната намера е да ја јакнат ромската политика. Фондацијата има акумулирано повеќегодишно искуство на транснационално ниво, и едни од најбрилијантните политички мозоци меѓу Ромите. Според мене, би било многу наивно и погрешно да не се искористи тоа знаење и искуство за да ја јакнеме нашата партија, и да се поврзуваме со влијателни структури од цела Европа, бидејќи тоа им е една од главните цели. На тој начин, ние можеме да бидеме само подобри и поспособни политичари и ќе постигнуваме поголеми резултати во интерес на Ромите. Во однос на другите активисти, можам да потврдам дека нивниот ангажман во фондацијата е прекинат, и во оваа прилика сакам да им се заблагодарам и да им честитам на храброста и смелоста да направат таков чекор, и да преземат ризик и одговорност да ја унапредат ромската политичка репрезентација.

Што се однесува до коалицирање имаме неофцијални информации дека сте барале да соработувате со СДСМ за престојните избори, но не бевте прифатени од Ковачевски кој рече дека тој не е Заев. Колку овие информации се точни и дали вашата политичка партија преговара за  неофицијална изборна соработка со други политички партии?

  •  Ние со никого не баравме соработка. И Заев и Ковачевски и цела политичка елита трчаат по нас веќе десетина години. Меѓутоа ние не водиме политика на лични интереси, не бркаме позиции, туку политика за напредок и самоопределување на Ромите, затоа и настапуваме самостојно. Ние не се брзаме. Како што реков во моето прво обраќање: „АВАЈА дојде, и тука е да го земе тоа што ни следува како народ.“

 Имате поднесено листи на крајот на истекот на рокот за  поднесување на листи за пратеници односно пет до дванаесет. На овие парламентарни избори Аваја ке настапи на ИЕ3,ИЕ4,ИЕ5,ИЕ6, каде ромското гласачко тело е многу помал од ИЕ 1 и 2 кој според мене сочинуват повеќе од половина на ромското гласачко тело.Зошто ги обиколивте овие изборни единици, која е причината?

  •  Ние успеавме да доставиме самостојни листи и покрај сите опструкции со кои се соочивме. Околу Вашето тврдење дека се доставени пет до дванаесет, треба да ја проверите таа информација уште еднаш, затоа што ние нашите листи ги доставивме во на 02.04.2024 во 18:10 часот, а многу други партии доставија после нас.

Во однос на настапот во четири изборни единици: таму е најголемата спремност на граѓаните да се бори за самостојна политика. Таму Ромите се поподготвени за промени, што не значи дека нема да работиме тоа да се промени и во другите изборни единици. Сепак сме партија на национално ниво. Во моментот кога ќе ги постигнеме тие предуслови се разбира дека ќе настапиме во сите изборни единици.

Која е вашата изборна агенда,програма која ке се разликува од останатите, и што ако добиете едно или две пратенички места, како ке се изборите со негативните политики со кои често политички се удира на ромската заедница, и што ке се случи со Аваја доколку на овие избори доживее политички неуспех?

  •  Во однос на изборната агенда, програмата и уникатноста на АВАЈА мислам дека веќе образложив на едно1 од претходните прашања. Доколку изборите се фер и демократски, ние влегуваме во Парламент. Судејќи по досегашните пракси, не очекуваме изборите да бидат такви, за жал нивото на политичка зрелост и култура во нашата земја е сеуште на незадоволително ниво за да можеме да кажеме дека живееме во напредна демократија во која борбата е на ниво на идеи, и визија за иднината. Но тоа не значи дека се откажуваме туку напротив- ќе останеме доследни на нашата визија и принципи затоа што само така ќе придонесеме за развојот на демократијата и унапредување на политичката култура и зрелост во нашето општество. Доколку влеземе во Парламентот, наш приоритет ќе биде да се обезбедат услови за спроведување и реализација на нашата програма. Само тоа ни е гаранцијата дека ќе има напредок и просперитет во нашата заедница. Се друго би било само матење очи, добивање на трошки додека другите добиваат цели фурни. Неуспехот не е опција за АВАЈА. Ние во нашите срца и глави сме веќе победници. Самостоен настап, програма на 14 страници за следни пет години, структура, поддржувачи и одличен тим. Со овој настап како прва ромска партија во поновата историја на РСМ, со овој изборен модел да настапи самостојно е и повеќе од успех. Бидејќи сме свесни за сите неправилности кои ќе се случуваат, секој освоен глас на АВАЈА за нас ќе значи дека сме освоиле срце на храбар и мудар Ром кој знае да процени и да го направи вистинскиот избор и покрај тоа што битката од страна на другите нема да биде чиста.

 

Loading


Discover more from EU Romapress

Subscribe to get the latest posts sent to your email.

Discover more from EU Romapress

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading