Spread the love

Зајакнувањето на демократијата и репрезентацијата на ромската заедница преку изборни процеси би требало да биде клучно прашање за македонското општество. Но наспроти тоа, ромските политички партии се соочуваат со политичко омаловажување како по некое непишано правило.
Историските извори покажуваат дека ромската заедница често била запоставена и занемарена во политичкиот простор. Сето ова доаѓа во предвид на сегашниот развој на политичката сцена која и понатаму го подигнува прашањето за вклучување на политичката репрезентација на Ромите.
На предходните избори, било тоа локални, парламентарни или председателски, ромскиот политички блок како по некоја непишана агенда повторно беше игнориран од страна на своите неромски политички коалициони партнери. Со сегашната ситуација, изгледа дека ромските политички партии се соочуваат со предизвикот на поддршка и препознавање. Ниту едно добитно место не е доделено на ромските коалициони политички партии, што повторно ги става во положба на периферија на политичката сцена.

Партиите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги објавија своите листи за кандидати (засега не потполни) за престојните парламентарни избори кои ке се одржат во мај ова година. За жал, според нашите извори, ниту едно добитно место нема на листата за ромските коалициони политички партии.
Единствено Самка Ибраимовски, лидер на ромската политичка партија ПЦЕР, кој коалицира со политичката партија ГРОМ на Стевче Јакимовски, ќе биде носител на листата во ИЕ5 (Битола, Охрид, Струга, Кичево, Крушево, Ресен и други места заедно со селата кои гравитираат на овој регион). Инаку, според статистиката на ова ИЕ, има околу 6000 ромски гласачи.
Другите ромски политички партии, како коалициони партнери на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, според наши информации ке добијат места кои нема да бидат добитни, ниту по расподелувањето на владата, министерските или јавните директорски места по изборите.
Најголем број на ромските политички партии се мали или пак се „човек партија“, други партии се нови што туку формирани и немаат толку влијание на политичката сцена. Не добиваат значителна поддршка, нивното учество во изборниот процес, иако би требало да биде важен дел од демократската пракса во Македонија, за жал, преставува само политичка фасада на големите партии чии интереси се користење на гласовите на ромскиот електорат, а со самото тоа и иднината на ромската политичка сцена станува се понесигурна.
Ромските политички партии поради изборниот модел кој ги фаворизира поголемите политички партии, каде што бројките одлучуваат, ретко се одлучуваат за самостоен настап на изборите, па од таа причина стапуваат во коалиција со големите македонски политички партии на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Ромската заедница знае, има искуство дека ромскиот електорат преставува само добитна бројка за изборна победа. Свесна е дека нејзиниот глас нема да го промени нивниот животен стандард во државата која себе си се прокламира како национална, а во суштина е бинационална држава, држава на македонците и албанците.
Со оглед на тоа што на пописот во 2022 година во Македонија живеат 53.879 Роми, од кои со право на глас има приближно 45.000 гласачи (неофицијална бројка), изборниот модел, составен од сите шест изборни единици, географската распространетост на ромската заедница низ територијата на државата, политички скроените изборни единици и официјалните регистрирани 9 ромски политички партии (барем тие кои официјално се попознати), како и поделбата на гласовите, преставува невозможна мисија за било која ромска политичка партија да учествува самостојно на изборите, освен на локалните избори во Општина Шуто Оризари, каде 80% од населението е ромско.
Станува јасно дека ромската заедница повторно ке биде само изборна добитна бројка, таа нема да биде интегрирана и репрезентирана на начин поради потребите на приоритетите и интересите на ромската заедница. Дали ова ке се смени во некој друг временски период зависи од политичката желба и ангажираност на главните политички актери, на ромските партии како и на ромската заедница во Македонија.

Loading


Discover more from EU Romapress

Subscribe to get the latest posts sent to your email.

Discover more from EU Romapress

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading